Interior room decorated in Christmas style. A beautiful cozy home decorated for Christmas. Home comfort of modern house. Scandinavian style Christmas home interior, relaxing place. Real photo

Топ 5 трендови за новогодишно украсување оваа година

И да ја накитивте елката, до Нова година има уште многу време домот да го украсите според најактуелните трендови за новогодишно украсување низ светот годинава

Нема ништо помагично од новогодишната атмосфера во домот што сте ја создале самите. За многумина од нас, по долгите периоди на разно-разни кризи, новогодишното украсување е вистински празник со кој сакаме на сите да им покажеме колку го сакаме животот и колку се радуваме на новите почетоци.

Нема подобар начин за славење на Нова година и празниците по неа дома кога домот изгледа празнично убав и украсен. Без разлика дали очекувате многу гости или сакате пријатни и мирни празнични денови, крајот на 2022 е време што си носи свои трендови во украсувањето, со кои сигурно ќе ја внесете празничната атмосфера во домот.

Па, сварете си кафе или чај, пуштете си новогодишна музика и подгответе се да се инспирирате со топ петте трендови за новогодишно украсување оваа година. 

1. Новогодишна класика: црвено и златно

Со враќањето на традиционалните новогодишни прослави во нормала, на голема врата се враќаат и традиционалните декорации. Комбинацијата од црвено и златно се смета дека ќе биде главна при украсувањето годинава, имајќи го предвид нејзиниот безвременски изглед, кој свесно или несвесно сите нè потсеќа на Нова година и ни буди носталгија на сите изминати Нови години.

Црвената е бојата на љубовта, страста и топлината, а златната на сјајот, свеченоста и скапоцените мигови. Црвената е одлична како спротивност на зелената боја на елката, а златната додава елеганција и луксуз. Најдоброто е што оваа комбинација совршено може да се вклопи во секој дом, без разлика како ви е уреден. 

2. Дрвени декорации

И оваа година продолжуваат да бидат актуелни новогодишните дрвени декорации, како и сите украси што асоцираат на рачна изработка. Ласерски исечените дрвени декорации, кои се подгорени и потемнети по рабовите, се одличен начин да внесете дополнителна топлина во домот со новогодишното украсување.

Оваа година нема да бидат актуелни само дрвените украси за на елка, туку и дрвените украси како дел од декорациите на полиците, рамките на прозорците, камините, новогодишната маса... 

3. Одржливи декорации

Платнените салфетки и чаршафчиња; лампионите и украсите направени од хартија и од други природни материјали, како на пример сушено овошје; природните елки и гранчињата од зимзелени дрвја; јутените обвивки околу елката и останатите декорации; украси направени при хуманитарни акции... сето тоа годинава е максимално во тренд. 

Во изминативе пет години овој тренд го следеа најмногу општествено-одговорните компании, тие што ја застапуваат идејата за одржливост и за заштита и зачувување на планетата Земја, но годинава се смета дека ќе ја доживее својата кулминација, вселувајќи се и во домовите.  

4. Бохооооо

Опуштено, топло и гушкачки – оваа година бохо-трендот се распостила и на новогодишно украсување на домот. Со користење на природни елементи, како суви цвеќиња, пампаси, дрвен плетен мебел, саксии и украси, букле и крзно, се постигнува вистински зимски изглед од соништата кој асоцира на гранки наталожени со снег. За засилување на празничното чувство можете да додадете жолти или бели светилки. Целосниот новогодишен бохо впечаток можете да го заокружите со плетена кошница во која ќе ја поставите елката. 

5. Скандинавска белина

Инспириран од класичниот скандинавски стил на внатрешно уредување, овој тренд е чист и едноставен  одраз на снежната Скандинавија. Меките памучни топчиња на елката и низ останатите декорации даваат чувство на зима и снег но и на топлина, исто како и белите крзнени површини, кои ја потенцираат пријатна и релаксирачка „хиге“ атмосфера, односно атмосфера на доброто живеење. Во скандинавската комбинација влегуваат и сребрените новогодишни украси и деталите до метален изглед, потоа светките и светилките што асоцираат на мразулци и мраз, белите фенери и елка што личи колку што е можно повече на природна – за вистински магичен зимски изглед. 

Продажба