Бохо вегетација

Бохо – запознајте го стилот што го освои светот

Ако овие есенски денови сакате вашиот дом да го облагородите со нов или со освежен изглед, погледнете што можете да искористите од популарниот стил бохо. 

Стилот бохо го добил своето име од францускиот збор bohème, што значи боем. Инспириран е од големите боеми во 19 век во Париз, од уметниците, писателите, изведувачите и номадите кои верувале дека креативноста вреди повеќе од парите. Имено, тие и го покажувале тоа преку својот необичен начин на облекување, на уредување на своите домови и начинот на кој живееле и уживале во животот.

Изминативе години, стилот бохо наголемо го освојува светот, особено кога станува збор за внатрешното уредување. Денес луѓето патуваат повеќе од кога и да е и разбирливо е што се препознаваат во оваа естетика на слободниот дух, која ги меша културите и уметничките изрази од разни делови на светот во еден споен стил.

Таа ви овозможува во домот со вашите лични предмети и мебел да ги вклопите сите дрвени, метални, платнени, крзнени парчиња што сте ги донеле од патувањата низ светот за да создадете уникатно место за живеење. 

Боите на бохо

Природни ноти

Бохото е рамнотежа меѓу модерното и егзотичното, меѓу практичното и убавото за око. Домот уреден во бохо е исполнет со природни ноти, кои делуваат складно и лежерно. Блиски му се меки и природни тонови, како кафена, портокалова, бела и зелена, додека интензивните бои се помалку застапени. Сепак, во потстилот бохо шик има малку посмел однос кон комбинацијата на бои и тука се вклопуваат многу храбри елементи и јаки бои. 

Декоративни елементи

Боемски живот

Најчесто користените детали за истакнување на стилот бохо се перничињата што ги украсуваат фотелјите, креветите или кои можат да бидат расфрлани по подот, а кои задолжително имаат ориентални мотиви. Тука се и теписите, прекривките за мебел, завесите наместо врати, па дури и ткаенини со вакви мотиви по ѕидовите. Но, без перничињата, едноставно, не се може. Ако се прашувате зошто, одговорот е бидејќи бохо треба да асоцира и да повикува на уживање и опуштање, односно, на боемски живот. 

Растенијата и стилот бохо

Mногу место за природата

За стилот бохо да биде комплетен, домот мора да се украси со разни растенија. Кога станува збор за зеленилото, тука не важи правилото „помалку е повеќе“, туку напротив – „колку повеќе, толку подобро“. Затоа, направете многу место за природата и наполнете го домот со големи, средни и мали растенија – и такви што цветаат, и такви што не цветаат. Закачете ползавци да висат од плафонот, ставете лози на полици, кактуси во стаклени тегли... играјте си со формите и боите на растенијата сè додека ви е интересно, затоа што со бохо и растенијата, едноставно, сè е дозволено!

Мебел во бохо-стил

Дрво и метал

Уредувањето на домот во стилот бохо дозволува комбинација на разни стилови на мебел. Па така, можете колку што сакате да комбинирате комоди, сандаци, столови, клацкалки, креденци, полици... Мебелот во модерен и минималистички стил визуелно ќе го смири просторот што изобилува со растенија и шарени декорации, а „винтиџ“ парчињата можете да ги поставите онаму каде што ќе паѓаат в очи и ќе придонесат за целокупниот невообичаен впечаток со својот ретро изглед. Комбинацијата од дрво и метал, кога станува збор за бохо, секогаш е полн погодок!

Бохо-ѕидови

Aтмосфера на топлина

Уште едно нешто што сигурно ќе го забележите ако почнете да го истражувате стилот бохо, е тоа дека во бохо-декорациите на ѕидовите често се присутни керамички предмети, декоративни чинии, мандали, плетени ткаенини и скулптури со најнеобичен изглед. Сепак, традиционалните фолклорни елементи на нив, кои можат да бидат од сите краеви на светот, или секоја нишка што ги врзува со природата е тоа што ги прави добро да се вклопат во целиот ентериер. Бохо бара атмосфера на топлина, удобност и пријатност, а во ѕидовите тоа може да се внесе и со декоративни тули, кои совршено се вклопуваат во природниот изглед. 

Бохо е стил што лесно ги впива боите, дезените и најразличните материјали што ви се по вкус. Тоа е стил кој е вистински избор за сите луѓе со слободен дух, кои знаат да уживаат во моментот и во животот.

Затоа и не постојат строги правила за уредувањето во овој стил. Можете да почнете со едноставни детали, а потоа да надградувате слој по слој. Но, важно е да се знае дека домот во бохо-стил не може и не треба да личи на ниту еден друг дом во бохо-стил. Затоа што да се уредува во бохо значи да се внесете себеси во просторот и да го направите вистински одраз на тоа што сте! 

Construction worker with tablet computer, Fast Forward Commercial Excellence

Имате ли прашања за нас или за нашите производи?

 Контактирајте нè и ќе ви помогнеме!

Дали ви треба дополнителна помош?

Сакате персонализирана понуда?

Контактирајте ги нашите претставници за продажба!

Локации на дистрибутери

Најдете го дистрибутерот што ви е најблизу

Пријавете се за Newsletter

Не ги пропуштајте најновите вести од нас

Слични статии

Продажба